Со првата средба на партнерите од Македонија, Србија, Хрватска и Бугарија, на 31 јануари 2023 година во Скопје се означи почетокот на спроведувањето на проектот Едукација за урбано земјоделство за одржлива иднина (Urban Farming Education for Sustainable Future), поддржан од Програмата Еразмус плус (Партнерства за соработка во едукација на возрасни).
Ова е втора заедничка иницијатива на организациите Форум ЦСИД, Србија Органика, Еко-Задар и Бугарското училиште за политика „Димитри Паница“, по проектот „Иновативна платформа за органско земјоделство“ финансиран од програмата Еразмус + на Европската комисија (Клучна акција КА2 – 204 – стратешки партнерства за образование на возрасни).
Форум ЦСИД како организација која го координира проектот Едукација за урбано земјоделство за одржлива иднина, беше домаќин на првата средба во Скопје, на која се дискутираше за планот на активности кои следат, а особено за тековниот развој на методологијата за базична студија за состојбите со урбаното земјоделство и урбаното градинарство во четирите држави, по што ќе следат активности на подготовка на неколку пакети за образование на возрасни граѓани кои се заинтересирани за урбано земјоделство.
На партнерите им беше претставен и начинот на функционирање на општествената градина Бостание, во паркот во Ново Лисиче, основана од граѓанската организација „Зелената арка“ во 2019 година, со поддршка од Град Скопје. Овој пример на здружено градинарство како начин за непосреден пристап до свежа растителна храна, без употреба на синтетички хербициди, пестициди, инсектициди, фунгициди и вештачки ѓубрива, е еден од моделите кои ќе бидат анализирани, претставени и препорачани за идните иницијативи за урбано земјоделство со проектот Едукација за урбано земјоделство за одржлива иднина.