Форум Центар за стратешки истражувања и документација е основан во 1997 година како невладина организација која ќе биде посветена на истражување на стратегиските аспекти и решенија на актуелни локални, национални и регионални прашања. Центарот имаше значајна улога во зајакнување на улогата на граѓанскиот сектор и зголемување на неговото влијание во формирањето на националните политики насочени кон постигнување на неопходните стандарди за Евро-атланската интеграција на Република Северна Македонија. Форум ЦСИД е непрофитна организација, којашто во целост се потпира врз грантови и донации од странски донатори, фондации, компании и други организации, што ги препознаваат резултатите од она што го прави Центарот во насока на создавање подобра општествена клима и подобро владеење во Северна Македонија. Денес организацијата активно работи на вклучување на граѓаните во процесите на партиципативната демократија едуцирајќи стотици граѓани и граѓански активисти како нивните потреби и идеи да ги остварат во рамките на општествените текови и да влијаат на носителите на одлуките. Форум ЦСИД е формиран со намера да иницира, подржува и овозможува дебати на релевантните засегнати страни во креирањето на кохерентни и практични јавни политики во подобрувањето и забрзувањето на демократските процеси во Република Северна Македонија.

Форум ЦСИД испорачува извонредност во стратегиските истражувачки наоди за процесите на демократизација на општеството и децентрализација на власта. Заедно со другите тинк-тенк организации ние даваме значајно учество во прикажувањето на билансот на состојбите во општеството како придонес на објективно заснованите документи за јавни политики.

За остварување на нашата прамисија и визија, ние посветено ги развиваме  нашите институционални капацитети.  Институционалната меморија, развиената експертиза и партнерски односи со другите тинк-тенк организации ги фокусираме  на продукција  и комуницирање објективни анализи и делотворни препораки за јавните политики во областа на демократизацијата на општеството преку поддршката на граѓанскиот активизам, застапувањето за добро владеење, професионализацијата и независноста на медиумите и децентрализација на власта, преку анализа на буџетските процеси во единиците на локалната самоуправа и политиките за рамномерен регионален развој, како и застапувањето за зголемување на надлежностите на месната самоуправа во рамки на општините.

Јадро на нашиот работен тим се десетина врвни аналитичари и обучувачи помогнати од уште 5 координатори, асистенти и логистичари. Во осмислувањето и приоритизирањето на истражувачките и обучувачките потфати значаен е придонесот на нашиот Управен одбор составен од кредибилни претставници од општествената и академската заедница. Поголемиот број проекти здружено ги реализираме со нашите партнерски граѓански организации.

Вредностите на организацијата, прифатени од нејзните вработени, претставуваат клучна компонента од нејзината култура. Оперативно, тие претставуваат основа за етичко одлучување за постапување на секој член на организацијата. Форум високо ги цени особено следниве вредности:

  • Професионализам: доследно демонстрирање највисоки стандарди на стручната практика и одговорно однесување.
  • Интегритет: покажување искреност, отвореност и фер однесување во секоја обучувачка, дебатна и било која друга работна ситуација.
  • Посветеност и лојалност: грижа за испорака на најдобрoто за соработниците, организацијата и заедницата.
  • Емпатија: тежнение да се видат нештата од страната на другите и покажување разбирање за нив.
  • Индивидуализација: почитување на индивидуалните разлики и легитимност на различните интереси и потреби во секоја ситуација.


Предметен фокус

Јадро на програмскиот фокус на Форум се процесите на демократизација на општеството како целина. Комплементарно на ова се аспектите на демократизација во процесот на децентрализација на власта и поттикнувањето на рамномерниот регионален развој.

Во вака рамковно определениот програмски фокус на Форум, стратегиски тематски области со прв приоритет на ангажирање (приоритет на користење и развивање на постојните капацитети) се следниве:

  • Поддршка на граѓанскиот активизам (обучувачка подршка на развивањето и користењето на индивидуалните капацитети);
  • Децентрализација (демократизација во процесите поврзани со локалната и месната самоуправа и во политиките за рамномерен регионален развој);
  • Медиуми (независност на медиумите и професионализација на медиумските работници).

Покрај овие тематски области во кои Форум се јавува како иницијатор  и носител на проектни потфати, според укажаните можности и дополнително  развиени капацитети, ФОРУМ здружено со други партнерски организации ќе учествува во следниве тематски области (тематски области од втор приоритет):

  • Транспарентност и партиципативност во работењето на централната и локалната власт;
  • Односи меѓу заедниците;
  • Човекови права;
  • Нормативна дејност и добри практики на нивна имплементација.