Органско земјоделство во контекст на ЕУ

Постојат повеќе од 12 милиони хектари органско производство во ЕУ на преку 200 000 фарми, изјави Јануш Војчичовски, комесар на ЕУ за земјоделство, за порталот euractive.com во декември 2019 година. Поточно, според Евростат, вкупната површина под органско земјоделство во ЕУ во 2017 година опфатила 12,6 милиони хектари што е 7% од земјоделското земјиште на ЕУ. Во исто време, органската продажба на мало достигна 34 милијарди евра. Производите добиени од органското земјоделство, вклучително и аквакултурата, се означени со органското лого на ЕУ – добро познатиот „Евро-лист“.

Што значи да произведуваш органски?

Општо земено, органското земјоделство во контекст на ЕУ се однесува на производството на храна со ограничено влијание врз животната средина. Тоа подразбира примена на практики кои го одржуваат здравјето на почвите, екосистемите и луѓето, и притоа се одржува биодиверзитетот, се заштитува квалитетот на водата и се води грижа за благосостојбата на животните. Органското земјоделство е во согласност со строгите стандарди за употреба на хемикалии, што значи дека не се дозволени синтетички ѓубрива и пестициди и исто така има строги правила за лековите за животни. Според Регулативата од 2007 година, плодноста и биолошката активност на почвата треба да се утврди со повеќегодишна ротација на земјоделските култури, вклучително мешунки и други зелени ѓубрива, и со примена на ѓубриво од добиток или органски материјал, по можност компост, од органско производство.

Ѓубрива може да се користат само доколку се вклучени во списокот на производи и супстанции овластени од Европската комисија. Хормони или деривати на хормоните не се дозволени за целите на размножување во аквакултурата. Понатаму, употребата на ГМО е забранета во органското производство, единствен исклучок се ветеринарни производи чии етикети не укажуваат на присуство на ГМО затоа што тоа се должи на технички неизбежното присуство под прагот од 0,9%.

Треба да се почитуваат строги правила за пакување, транспорт и складирање на производи со цел да се спречи евентуално мешање или размена со неоргански производи и да се обезбеди идентификација на органските производи. За подетални информации кликнете овде 

Контролата врз земјоделците, преработувачите и трговците долж синџирот на снабдување ја обезбедуваат националните контролни тела и органи кои пак се контролирани од државната администрација, обично Министерството за земјоделство или здравство. Земјоделците кои сакаат да произведуваат органски треба да бидат сертифицирани преку контролен орган во нивната земја и тие се предмет на годишен преглед со цел да проверат дали тие ги почитувале на правилата за органско производство. Списокот на контролните тела и органи може да се најде овде. 

Конвенционалните земјоделци за да станат органски производители мораат да поминат процес на конверзија, во траење од 12 до 36 месеци, во зависност од видот на производот. За тоа време, методите на органско производство мора да се користат, но крајниот производ не може да се означи како органски.

Ново законодавство во 2021 година

На 1 јануари 2021 година ќе стапи во сила новата легислатива за органско производство. Некои од новините се дека процесот на сертификација и трошоците се очекува да се намалат и така ќе се дозволи таканаречено групно сертифицирање. Ова значи дека на група мали земјоделци ќе им биде дозволено да се организираат и да бидат овластени како единствен ентитет. Производителите со чисто досие во три последователни години ќе можат да добијат ослободување од годишната контрола. Покрај тоа, увезените производи ќе треба да ги почитуваат истите правила за производство и контрола како и оние во ЕУ. Исто така, органските правила ќе опфаќаат поширок список на производи, ќе се ограничи употребата на природни ароми и ќе се направи ограничен список на средства за чистење и средства за дезинфекција за употреба во преработка.