На 13 јануари се одржа првата средба на партнерите од С. Македонија, Србија, Хрватска и Бугарија во рамките на проектот Иновативна платформа за органско земјоделство, финансиран од програмата Еразмус+ на Европската комисија (Клучна акција КА2 – 204 – стратешки партнерства за образование на возрасни).
Заедно со колегите од Наша Добра Земја, Македонија-Експорт, Србија Органика, Еко-Задар и Бугарската школа за политика „Димитри Паница“, координаторите од Форум ЦСИД дискутираа за претстојните активности во рамки на проектот, со цел да се развијат нови и иновативни едукативни содржини кои ќе бидат во насока на образование на возрасни за производство на органска храна, а корисници ќе бидат првенствено обучувачите на возрасни, граѓанските организации и граѓаните кои се заинтересирани за земјоделски и еколошки теми.
Пред партнерите беше претставена веб страната oaiplatform.com, на која ќе се објавуваат сите едукативни и останати корисни материјали за органско производство, маркетинг и брендирање на производи од органско потекло, кои ќе бидат креирани во рамки на овој проект. Покрај едукативниот аспект на оваа платформа, веб страната ќе може да послужи и за информативни и промотивни цели, со цел содржините да бидат интересни и за посетителите кои не се директно заинтересирани за производство на органска храна.
Во текот на следните месеци партнерите ќе соработуваат во правец на создавање неколку авторски продукти кои ќе бидат објавени на веб страната на проектот: студија за состојбата со органското земјоделство во сите земји вклучени во проектот и прирачници за обуки за возрасни и даватели на образовни услуги за возрасни, кои ќе им овозможат да организираат курсеви за органско производство и брендирање на производи.

