Посета на органски фарми

На 21 јануари тимот на Форум ЦСИД заедно со партнерите од  „Наша добра земја“ ги посети компанијата „Зоралек“ која е сертифицирана компанија за производство на органски мед и пчелни производи и органската фарма во с. Паликура, Кавадарци. Целта на оваа посета беше од блиску да се запознаеме со органското производство, проблемите и предизвиците со кои се соочуваат органските производители С. Македонија.

Во моментов во изработка е студија чија основна цел е да обезбеди информации за органското земјоделство во регионот.  Партнерите во проектот „Иновативна платформа за органско земјоделство“, поддржан од програмата Еразмус + на Европската Комисија, ќе направат проценка на ситуацијата и потребите, а ќе се направи и компаративна анализа помеѓу земјите партнери во овој проект. Студијата ќе ги идентификува постоечките замјоделски практики и потенцијалите за развој на органското земјоделство во секоја од земјите партнери (С. македонија, Хрватска, Србија и Бугарија). Оваа студија ќе содржи и податоци за невработеноста во секоја од земјите партнери, и можностите кои ги нуди органското земјоделство. Исто така, ќе содржи и информации за климатските промени кои имаат силно влијание на многу економски сектори, вклучувајќи го и органското земјоделство. Студијата ќе биде објавена на веб страната на проектот.