На 06.02.2020, по втор пат беше организирана акција за подршка на производителот на интегрални брашна и лебови од цело зрно, Биовитал. На иницијатива на Наша Добра Земја и во соработка со членовите на задругата беше организирана акција на откупување на поголема количина на производи од нашиот долгогодишен соработник Ласте Младеновски, сопственик на Биовитал.
Членовите на задругата ја прифатија идејата во содржината на неделните органски кошнички да внесеме еден производ (леб или брашно), додека Добра Земја целосно се откажа од додатна маржа.
Целта на акцијата беше да помогнеме во опстанокот на овие квалитетни производи и преку ваквите гестови на солидарност да реализираме едно од основните начела на задругарството – грижа за заедницата.
Концепт на неделна органска кошничка
Членовите на задругата во текот на целата година, еднаш неделно подигнуваат кошничка која содржи 10-12 локални свежи органски производи. Содржината на кошничката ја креира Наша Добра Земја во соработка со производителите. Преку неделната кошничка, директно ги поддржуваме локалните органски производители и преку однапред испланиран откуп, го минимизираме фрлањето на свежа храна и намалуваме нашиот еколошки оттисок.