Скриен бисер во наша близина

Чиста и недопрена природа. Човек има ретка прилика да биди опкружен со ваква убавина.

Тоа е впечатокот кој го носевме со нас, при нашата посета на ова подрачје, на само 70 тина километри јужно од Скопје, но поради лошото поврзување со главниот град, оддалеченоста е двојно поголема.

Екипата на Добра Земја, преку Цана Џуковска, претседателка на Здружението на земјодечци, пчелари и сточари од Поречкиот регион „Поречка матица“, за прв пат стапи во контакт со неколку производители од овој регион. Бевме изненадени да утврдиме дека во овој крај сеуште се произведува главно по традиционален начин, без користење на хемиски препарати и вештачки ѓубрива. Органско, во својата суштина. Без да сакаме да навлегуваме во причините за ваквата ситуација, дали е тоа отсеченоста или економскиот фактор, можеме да заклучиме дека на голема близина имаме едно скриен бисер кој допрва се открива.

Опкружени со планини, бујна природа и изобилие на чиста вода, во овој регион воглавно опстојуваат мали производители, кои во недостаток на можности за откуп на нивните производи, го намалиле своето производство за да ги задоволат своите потреби. Се надеваме дека со нашето запознавање и започнување на соработка, ситуацијата ќе почне да се менува.

Посебен пример кој би го издвоиле е фирмата за свежи и преработени печурки, којa преку вложување во најнова опрема за преработка и сушење на овие производи, отвора нови можности за развој на овој регион.

Позитивна промена е формирањето на здружението во 2018-та година, преку кое и стапивме во контакт со производителите, и чија главна цел е заживување на подрачјето преку организирање на најразлични иницијативи, покренување на соработки и решавање на проблемите на локалното население.

Бидејќи заминавме со позитивни впечатоци, сигурни сме дека оваа посета ќе отвори пат за плодна соработка во иднина и нашите членови и потрошувачи набргу ќе имаат можност да ги пробаат овие вкусни производи. 

Екипата на Добра Земја