Посета на „Камник Био Органик“

Новите сертифицирани органски јајца кои ги добивме во Добра Земја, беа повод да го посетиме Камник Био Органик која ја доживеавме како една мала оаза на органско производство.

Се запознавме со Иво – сопственикот на Камник Био Органик, кој веќе неколку години се занимава со органско производство. Во кратката прошетка ни го објасни системот на функционирање на фармата. Од органски житарки (пченица, јачмен, спелта и р’ж) се произведува брашно и се обезбедува храна за живината. Лушпите од житарките се користат како подлога во просториите каде што се сместени кокошките кои подоцна заедно со изметот создаваат квалитетно кокошкино ѓубриво кое понатака се користи за оплеменување на почвата каде што се произведуваат органските зеленчуци, додека отпадоците од зеленчуците претставуваат храна за кокошките.

“Трчаните кокошки”, 150 на број, имаат простор од 2ха да уживаат во својата слобода. На вечер ги прибираат во оградени простории кои ги чуваат кучиња, како дополнителна заштита од предатори. Хуманиот пристап кон кокошките и обезбедувањето на сите природни услови потребни за нивно нормално хабитирање, ги прави овие јајца посебни. Без сомнеж, овие кокошки ги декларираме за среќни кокошки 🙂